Чаир остана без лиценца, Штип добива суперлигаш во кошарка!

Македонската кошаркарска федерација преку соопштение обелодени дека од трите должници кои не добија лиценци во првиот предвиден рок (ТФТ, Маџари и Чаир), два од нив ги подмириле обврските кон куќата на кошарката, но третиот за жал не го сторил тоа и нема да биде дел од Супер-лигата во наредната сезона.

ЕКИПА дознава дека станува збор за тимот на Чаир, екипа чија висина на долгот беше најниска од трите, но управата сепак не покажа желба тоа да го покрие за да остане суперлигаш и во наредниот период.

Од МКФ во денешното соопштение ставија до знаење дека местото на Чаир нема да му припадне на следниот тим по пласман во Првата лига, туку за истото ќе се аплицира.

Неофицијално, штипскиот прволигаш Соколи е убедливо најзаинтересиран за ова место, веќе формира сериозен стручен штаб и играчки ростер и речиси сигурно овааа екипа ќе стигне до посакуваниот билет за елитното друштво.

Соопштението на МКФ го пренесуваме во целост:

Кошаркарската федерација на Македонија ја информира јавноста дека по завршувањето на постапката за лиценцирање, како и по истекот на рокот за поднесување жалби во делот на исполнување на обврските поврзани со финансиската дисциплина, е констатирано дека еден клуб не ги исполнил условите предвидени со важечките акти на Федерацијата за настап во највисокиот степен на натпреварување во сезоната 2026/2027.

Во согласност со одредбите од Правилникот за лиценцирање и останатите важечки прописи на Кошаркарската федерација на Македонија, Федерацијата ќе отвори рок за пријавување на заинтересирани клубови во периодот од 10 до 20 август 2026 година.

Во наведениот рок, право на поднесување пријава има секој клуб кој смета дека ги исполнува сите услови предвидени со правилниците на Федерацијата за учество во највисокиот ранг на натпреварување, вклучително и организациските, инфраструктурните, финансиските и сите останати критериуми утврдени со прописите.

Воедно, ја информираме спортската јавност дека, согласно важечките правилници на Кошаркарската федерација на Македонија, фактот што еден клуб не ги исполнил условите за лиценцирање не создава автоматско право за промоција на следнопласираните клубови од Првата лига. Тоа е така бидејќи првопласираниот клуб од Првата лига, кој според спортскиот резултат стекнал право на настап во Супер лигата, не се откажува од тоа право и ќе биде дел од највисокиот степен на натпреварување во сезоната 2026/2027.

Поради тоа, доколку некој од останатите клубови од Првата лига сака да конкурира за учество во Супер лигата, покрај исполнувањето на сите останати услови пропишани со правилниците на Федерацијата, ќе треба да ја прифати и обврската за уплата на лиценца во соодветен претходно утврден износ, согласно важечките прописи.

По истекот на рокот за пријавување, Комисијата за лиценцирање ќе изврши проверка на исполнетоста на сите услови од страна на пријавените клубови, по што Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија ќе донесе конечна одлука согласно важечките прописи.

Кошаркарската федерација на Македонија останува доследна на определбата за целосно почитување на принципите на финансиска дисциплина, еднаков третман на сите клубови и доследна примена на правилниците, со цел понатамошно унапредување на квалитетот, стабилноста и кредибилитетот на македонската кошарка.

За сите понатамошни чекори поврзани со комплетирањето на системот на натпреварување за сезоната 2026/2027, како и за конечниот состав на клубовите кои ќе учествуваат во натпреварувањата организирани од Кошаркарската федерација на Македонија, јавноста ќе биде навремено информирана, веднаш по завршувањето на оваа постапка.

Што се однесува до останатите натпреварувања кои се опфатени со системот на лиценцирање, постапката за разгледување на доставената документација е во тек.

По нејзиното завршување, Кошаркарската федерација на Македонија ќе ги објави соодветните одлуки во наредниот период.

Се вчитува...