Чао Интер: Годин си оди, сопругата му го избра новиот клуб

Антонио Конте ја доби власта за трансфери во Интер, па Диего Годин ќе биде меѓу првите што летово ќе си заминат од „Џузепе Меаца“. Екс-капитенот на Атлетико Мадрид пристигна како големо засилување, но не ги оправда очекувањата на Конте, во текот на сезоната имаше неколку конфликти со тренерот, поради што веднаш по завршувањето на сезоната почна со преговори со заинтересираните клубови.

Следната дестинација е интересна и неочекувана, Годин би требало да ја продолжи кариерата во дресот на Калјари, а „виновна“ за тоа е неговата сопруга Софија Ерера. Таа е родена на Сардинија и побарала од Годин да се преселат на овој италијански остров, во тимот за кој нејзиниот татко Хозе Оскар настапувал во деведесеттите години од минатиот век.

Италијанските медиуми информираат дека преговорите се наоѓаат во завршна фаза и Годин до крајот на оваа седмица би можел да потпише договор со Калјари, откако ја одбил понудата на француски Рен за да се пресели на Сардинија.

Се вчитува...