Чави оптимист: Ова се златни три бода, чекаме кикс на Реал во следните два меча

Тренерот на Барселона Чави Ернандес е оптимист во борбата за титулата во Примера. Шпанецот не се откажува од идејата дека Барселона може биде шампион, без оглед на тоа што Реал Мадрид едноставно оди по својот план и продолжи да победува по шокот на „Ел Класико“.

Барса го победи Леванте по преживеани три пенали и постигнат гол од Лук Де Јонг во судиското продолжение, а по победата од 2-3, Чави потенцираше дека најдобра вест е што неговиот тим победил и кога не одиграл најдобар меч.

„Немавме добар меч и тоа не може да се избегне. Многу сум среќен за клучните одбрани на Тер Штеген и голот на Де Јонг. Двајцата се извонредни професионалци, пример за другите. Треба уште да работиме на играта, но ме радува натпреварувачкиот дух. Стекнавме победнички менталитет и тоа е многу важно. Имаме неверојатен победнички менталитет во моментов. Ова се три златни бода, останавме во битката за титулата“, изјави Чави.

Шпанецот се надева дека Реал Мадрид може да испушти бодови на следните два меча, бидејќи им следат две гостувања кај Севилја и Осасуна. Барселона со натпревар помалку има минус 12 бода од првопласираниот Реал Мадрид, па Чави верува дека многу важни ќе бидат следните две кола во Примера.

„Се уште веруваме во титулата. Ќе биде многу тешко, Реал Мадрид засега не греши, но ако испушти бодови во наредните две седмици, ќе стане интересно“, заклучи Чави.

Се вчитува...