Притисокот врз Кике Сетиен расте не само поради резултатите, туку пред се поради недостигот од авторитет врз фудбалерите на Барселона, што е причина раководството на каталонскиот гигант да размислува за тренерска смена уште во текот на оваа сезона, додека Барса има шанса за освојување на Лигата на Шампионите. А главен кандидат во оваа трка е истиот оној што беше и во претходната – поранешниот капитен на Барселона, Чави Хернандез.
Директорот Ерик Абидал неколку дена преговараше со Чави и кога беше отпуштен Ернесто Валверде, се чинеше дека двете страни се многу блиску до договор, за екс-капитенот во последен момент да се премисли. Потоа тој ја критикуваше управата на Барселона, што беше оценето како најава за поддршка за ривалите на Бартомеу на претстојните претседателски избори, но Чави сега е подготвен да седне на маса со првиот човек на клубот и веднаш да помогне Барса да е врати на победничките патеки.
„Најголема желба во моментов ми е да се вратам и да ја водам екипата на Барселона. Не заради мене, туку за овие играчи, за сите во клубот, за повторно да се победува. Јас и мојот тим се подготвуваме за овој предизвик и можам да кажам дека сме многу возбудени. Јас сум војник на Барселона и веќе реков дека не ме интересира политика, би се вратил само поради фудбалските мотиви. Точно е, зборувавме и пред неколку месеци, но им реков дека не е вистински момент“, истакна Чави, кој моментно работи во катарскиот Ал Сад.
Повеќе од јасано е дека Сетиен нема да го „преживее“ летово и на крајот од сезонава ќе си замине од „Камп Ноу“, Чави секако е фаворит за камбек во текот на летово, но тој процес би можел уште повеќе да се забрза доколку Барса не слави на утрешното дерби со Атлетико Мадрид, што ќе значи и дефинитивно губење на трката за титулата во Ла Лига.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА