Чави: Секој меч за Барселона во Примера е финале, ќе се бориме за титулата до крај!

Барселона синоќа запиша уште еден триумф во низа, а овој пат тимот на Чави успеа да ја совлада Севилја со 1-0 со што ја презема втората позиција во најсилниот шпански фудбалски шампионат.

Домаќините се трудеа, создаваа шанси, но до победничкиот гол мораа да почекаат до 72 минута кога работата во свои раце ја зема Педри кој се ослободи од Ракитиќ и стоперот Карлос, па со извонреден удар донесе три бода.

Со ова каталонците ја продолжија одличината серија на резултати што дефинитивно донесе задоволство кај тренерот Чави Ернандес кој се уште не сака да се откаже ни од титулата во Примера без разлика на тоа што во моментов лидерот Реал Мадрид има 12 бода повеќе од нив.

„Победивме против директен ривал во меч за шест поени. Ние сме во најдобриот момент од сезоната и мораме тоа да го искористиме. Реал победи, па за нас ова беше како финале. Ќе продолжиме да се бориме за титулата додека математиката не ни каже дека е невозможно. Постојат многу видови на лидерство. Имаме одлични капитени во Пике, Бускетс и Алба, исто така во Тер Штеген и Педри кој е лидер на теренот. Лидерството што Педри го има на теренот е извонредно“, порача Чави.

Сега за Барса следи првиот меч од четвртфиналето против Ајнтрахт Франкфурт во ЛЕ, па средбата со Леванте на Енис Барди.

Се вчитува...