Тренерот на Барселона, Чави, не дозволува тимот да летне во облаци по импресивниот настап на американското „Ел Класико“ и победата од 3-0 над Реал Мадрид како дел од подготовките за новата сезона.
Барса минатата сезона полесно од очекувањата се врати на тронот на шпанскиот фудбал, но Чави е дециден дека управата треба да донесе уште неколку засилувања за тимот да продолжи да игра на највисоко ниво.
„Преодниот рок завршува на 31 август и многу работи можат да се случат. Не треба да летаме во облаци, да се создава еуфорија околу нашата сила во месец јули. Потребни ни се засилувања, тоа го знаат и спортскиот директор и претседателот, се надевам дека ќе биде исполнето она што го побарав“, изјави Чави, не сакајќи да обелодени конкретни имиња.
Барса досега ги ангажираше Илкас Гундоган, Ињиго Мартинез и Ориол Ромеу. Чави инсистира на уште еден играч за врска иако во тимот ги има и Педри, Гави и Френки де Јонг, а на листата со желби се Бернардо Силва и Џовани Ло Селсо.
Исто така, тренерот на каталонскиот гигант бара да биде доведен и нов десен бек, а негова желба е тоа да биде Жоао Кансело од Манчестер Сити.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА