Чеферин по средбата со Сејдини: УЕФА во иднина со уште поголема поддршка за ФФМ

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин по средбата со првиот човек на ФФМ, Мухамед Сејдини во Нион отворено и во изјави за официјалната интернет страница на Европската куќа на фудбалот ја искажа поддршката која во иднина ќе ја добива македонскиот фудбал.

Честитајќи му го изборот на Сејдини за нов претседател на ФФМ, Чеферин потенцира дека Фудбалската федерација на Македонија и во иднина ќе има цврст партнер во УЕФА за сите планирани проекти.

„Се восхитувам на ентузијазмот кој што претсседателот на ФФМ, Сејдини го покажа во разговорите за идните проекти. Со задоволство можам да потврдам дека УЕФА ќе остане цврст партнер на ФФМ и ќе ги поддржи во нивните развојни стратегии“  вели Чеферин.

По враќањето од Нион, пак, Мухамед Сејдини нагласува дека имале повеќе од конструктивни разговори со Александар Чеферин кои и тоа како се значајни и за федерацијата, но и за македонскиот фудбал воопшто.

„Ние сме горди што ФФМ ужива навистина висок рејтинг во УЕФА и лично кај претседателот Чеферин и во соодветните структури задолжени за развој на фудбалската игра. Пред нас се многу проекти кои секако ќе бидат реализирани и со поддршка на УЕФА“ – вели Сејдини, кој потенцира дека во ФФМ ќе има и кадровско засилување во насока на активно продолжување со досегашните активности…

„Вратите на ФФМ сега засилено се отвораат за сите фудбалски лица кои нешто значат за нашиот фудбал. Нашата определба е сите фудбалски сили во земјава да бидат обединети затоа што само на тој начин може дополнително да одиме и чекор плус во етаблирањето на македонскиот фудбал во европски и светски рамки. Среќен сум и што со репрезентативните успеси се врати и оптимизмот, позитивниот дух и вербата и кај целокупната домашна спортска јавност“ – истакнува Мухамед Сејдини.

Се вчитува...