Чекаа 25 години и дочекаа: Норвежаните ја урнаа шпанската клетва на ЕП

Норвешка направи голем чекор кон полуфиналето на ЕП 2022 откако славеше над актуелниот европски шампион Шпанија со резултат 27-23, прекинувајќи ја серијата од 17 средби без пораз на европските првенства што „црвената фурија“ ја имаше во пресрет на вечерашниот дуел. Воедно, оваа победа значеше и крај на неверојатната црна серија на Норвежаните, кои цели 25 години немаа триумф над Шпанците на големите натпреварувања. По последната победа во 1997 година овие две селекции имаа 19 дуели, Шпанија забележа 18 победи и едно реми, но вечерва избраниците на селекторот Рибера немаа сили да ја продолжат оваа импресивна низа.

Шпанците предводени од голманот Перез де Варгас поведоа со почетни 0-2, но следеше фуриозна серија на Норвежаните, кои набрзина постигнаа дури пет погодоци и стигнаа до предност од 5-2. Шпанскиот селектор Рибера побара тајмаут при водство на противникот од 8-4, но Норвешка неколку минути подоцна имаше и „плус пет“ (10-5). „Црвената фурија“ сепак се разбуди пред крајот на полувремето, намалувајќи ја негативата на 14-11.

Почетните минути од вториот дел минаа во знакот на Шпанците, кои дојдоа до само еден гол негатива, но потоа следеше долг период без постигнат погодок на актуелниот европски првак. Во овие десет минути Шпанија не искористи и неколку напади со „Седум на шест“, а Норвежаните знаеја како да го искористат тоа и се вратија на пет гола предност на десет минути до крајот (24-19). Долгиот „пост“ на Шпанците го прекина Македа со погодок во 51. минута, но веќе беше предоцна, Норвешка знаеше како да ја задржи предноста до крај и да слави со конечни 27-23.

Убедливата победа ја остава Норвешка во пол-позиција за пласман во полуфиналето, за што Норвежаните ќе треба да избегнат убедлив пораз (од пет или повеќе гола разлика) во последното коло против Шведска. Шпанците на стартот од шампионатот ја совладаа Шведска со 32-28, па се наоѓаат во солидна позиција, со триумф во последното коло над Полска сепак да се пласираат во полуфиналето и да ја продолжат одбраната на европската круна.

Се вчитува...