Чекањето заврши: Шведска по две децении до европска круна, Шпанија симната од тронот

Шведска е новиот европски првак во ракомет откако во вечерашното финале ја совлада Шпанија со минимални 27-26. Екберг го реши големото финале со пенал со звукот на сирената, гол со кој заврши чекањето од цели дваесет години Шведска да се врати на тронот на европскиот ракомет, воедно и ја симна Шпанија од престолот каде „црвената фурија“ се наоѓаше уште од Загреб 2018, кога во финалето ги совлада токму Швеѓаните.

Цврстите одбрани ги одбележаа почетните минути на ова големо финале, кое Шведска го отвори подобро благодарение на неколкуте одлични интервенции на голманот Паличка. Ване, кој се врати во тимот по негативниот тест за коронавирус, промаши два пенали и пропушти можност да ја зголеми предноста на својата селекција, а Шпанците пред крајот на полувремето успеаја целосно да се вратат во мечот. „Црвената фурија“ првото водство го имаше во 29. минута кога Фигерас мајсторски погоди од пивот за 12-11, на одмор заминувајќи со минимална предност од 13-12 по погодокот што од брз центар го постигна Гомез Абелјо.

Добриот финиш на првиот дел ги наполни со самодоверба шпанските ракометари, кои имаа „плус два“ во неколку ситуации на почетокот од второто полувреме. Шведска се врати, се полесно го наоѓаше патот до мрежата на Коралес (кој доби предност пред Перез де Варгас, но не ја оправда довербата), па шпанскиот селектор Рибера побара тајмаут при негатива од 21-22 на дванаесет минути до крајот. Шведска имаше водство од 26-24, но Шпанците преку Фигерас и Канелјас израмнија на 26-26, на две минути до крајот.

„Црвената фурија“ доби и напад за победа, а Рибера зеде тајмаут на 37 секунди до крајот. Искусниот Канелјас се обиде да изнуди фаул, судиите не наседнаа, па Шпанците ја загубија топката, а Шведска имаше напад за триумф и златен медал. Екс-вардарецот Канелјас ја имаше улогата на трагичар бидејќи на три секунди до крајот направи пенал врз Лагергрен, по што Екберг од седум метри ја врати Шведска на врвот на европскиот ракомет, две децении по последната европска круна за оваа скандинавска селекција.

Ова е вкупно петта европска титула на Шведска, со што оваа селекција е најтрофејна во историјата на ЕП, пред Франција со три и Шпанија, Данска, Германија и Русија со по два пехари од континенталните собири.

Се вчитува...