„Чеканите“ го здробија Манчестер јунајтед

Кризата во која се наоѓа Манчестер јунајтед е уште поголема откако „црвените ѓаволи“ попладнево загубија со 3-1 на гостувањето против Вест хем, прва победа за „чеканите“ во Премиер-лигата сезонава, извојувана токму над најтрофејниот англиски клуб. Мурињо не може да ја најде победничката формула, така денеска се реши да настапи без Лингард и Алексис Санчез (двајцата не беа ниту на клупата, а Жозе пред мечот објасни дека тоа е негова тактичка одлука, не станува збор за повреда), но оние кои добија шанса не ја искористија, па „ѓаволите“ претрпеа уште еден пораз.

Дека денешниоот дуел нема да донесе ништо добро за гостите стана очигледно по само пет минути игра, откако Забалета влезе непречен по десната страна, искусно нафрли, а Фелипе Андерсон со прекрасен удар „со пета“ го матираше Де Хеа. Пред крајот на полувремето домаќините зголемија на 2-0, и тоа со многу среќа откако ударот на Јармоленко закачи еден од гостинските играчи и заврши во мрежата.

Мурињо го измеша тимот, во игра влегоа Рашфорд, Фред и Мата, но се што успеаја да сторат „црвените ѓаволи“ беше голот на Маркус Рашфорд, кој со умешен удар по еден корнер намали на 2-1 во 71. минута. Сепак, шансите за камбек во натпреварот исчезнаа само три минути подоцна, откако Нобл го проигра Арнаутовиќ, а најдобриот фудбалер на Вест хем ја круниса својата добра партија со гол за конечни 3-1.

Јунајтед по првите седум одиграни кола има само десет бода, па јасно е зошто се повеќе се зголемува притисокот врз Жозе Мурињо, кој во случај на „кикс“ во следното коло лесно би можел да добие и отказ од менаџерската функција.

 

Се вчитува...