Чековски: Цела година сме најдобри, ја заслуживме титулата

Ѓорѓи Чековски не го криеше задоволството по најновата титула освоена со својот Работнички, прекинувајќи го постот од девет години без шампионски трофеј на тимот од „Градски парк“. Искусниот крилен центар кој погоди две тројки во клучните моменти и имаше значаен придонес во победата посочи дека титулата е апсолутно заслужена ако се земе во предвид доминацијата што Работнички ја имаше на домашната кошаркарска сцена во текот на целата сезона.

„Реално мислам дека цела година играме константно како што треба и на крај успеавме во она што ни беше голема желба – да ја вратиме титулата во „Градски парк“. Финалето беше тешко и исцрпувачко, сите натпревари беа тесни до самиот крај. Знаевме дека само со добра одбрана можеме да ја довршиме серијата, на стартот почнавме многу лошо, но потоа се консолидиравме и го свртевме резултатот во наша полза. Шут како шут, некогаш ќе те служи повеќе или помалку, но со добра игра во одбрана се добиваат вакви натпревари. Работнички го заслужи овој трофеј и сите сме среќни што по девет години титулата е назад каде што треба“ – изјави Чековски.

Се вчитува...