Шпанскиот голман Кепа Аризабалага е новиот чувар на мрежата на англискиот премиерлигаш Челси. Пристигна за рекордни 80 милиони евра од Атлетик Билбао и потпиша седумгодишен договор со клубот од „Стемфорд бриџ“. 23-годишниот голман веќе има завидно искуство од Ла Лига, а беше дел и од фудбалската репрезентација на Шпанија на Светското првенство во Русија.
„Чест ми е што доаѓам во голем клуб како Челси. Ќе ми биде предизвик да бранам на „Стемфорд бриџ“ и се надевам дека ќе ја оправдам довербата. Фановите тука се навикнати на фантастични голмани и ќе сторам се за да бидам на потребното ниво. Титулите на Челси зборуваат сами, знам дека доаѓам во клуб со голема традиција и со големи амбиции“, изјави Кепа Аризабалага.
Досегашниот чувар на мрежата на Челси, Тибо Куртоа, направи трансфер во редовите на Реал Мадрид.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА