Челси има 20 милиони причини да навива за Реал во финалето на ЛШ

Еден Азар ќе остане запаметен во фудбалската историја како едно од најголемите промашувања на пазарот, откако Белгиецот не оправда ниту дел од огромните 115 милиони евра што Реал Мадрид му ги плати на Челси за да го доведе на „Сантиајго Бернабеу“.

Оваа сума би можела дополнително да се зголеми доколку Реал стане европски шампион, откако беше обелоденето дека во договорот меѓу клубовите има клаузула со која „кралевите“ треба да платат уште 20 милиони евра доколку стигнат до пехарот во ЛШ додека Азар е дел од овој клуб. Мадридскиот тим се наоѓа на само еден чекор до европскиот врв и доколку го победи Ливерпул на 28 мај ќе мора да ја исплати оваа сума, иако Азар нема речиси никаков придонес во играта на тимот на Карло Анчелоти.

Бројките говорат најдобро, Белгиецот сезонава одигра само 83 минути за Реал во ЛШ, нема ниту гол ниту асистенција и речиси сигурно е дека целото финале во Париз ќе го проследи од клупата за резерви.

Без оглед на тоа, Челси има 20 милиони причини да навива за „кралевите“, пари што „сините“ потоа би ги искористиле за да го вратат Азар назад на „Стемфорд бриџ“.

Се вчитува...