Челси има супер план: Нојер на местото на Кепа

Френк Лампард е решен да го продаде Кепа по завршувањето на сезонава, а стратегот на Челси има одличен план, на местото на Шпанецот да го ангажира Мануел Нојер за прв голман на „сините“.

Кепа не беше омилен во таборот на Челси уште од конфликтот што го имаше со Маурицио Сари, кога одби да биде заменет во финалето од лига-купот на Англија. Лампард по доаѓањето на клупата на лондонскиот клуб му даде шанса на Шпанецот, но тој бранеше во слаба форма, поради што на неколку натпревари на голот на Челси стоеше ветеранот Вили Кабалеро.

„Сините“ се оптимисти дека ќе успеат да го убедат Нојер да им се приклучи, откако искусниот голман на Баерн влезе во конфликт со управата на баварскиот гигант преговарајќи за нов договор. Баварците веќе го договорија доаѓањето на Нубел од Шалке за претстојното лето, но на Нојер особено тешко му падна што Баерн тргна по Тер Штеген, со кого тој имаше сериозен конфликт во германската репрезентација. Ветеранот има уште една година од актуелниот договор, но сериозно размислува уште летово да си замине од „Алијанц Арена“.

Челси е подготвен да плати 15 милиони фунти за негов трансфер, воедно и да му понуди одлични услови за тригодишен договор на искусниот чувар на мрежата за тој да биде прв голман на тимот на Лампард почнувајќи од сезоната 2020/21.

Се вчитува...