Челси ќе купува играчи со „финтата на Барса“

Челси испрати официјална жалба до ФИФА по одлуката за забрана за трансфери во следните два преодни рока, како казна за илегалните трансфери на лондонскиот клуб при купување на млади играчи. Светската куќа на фудбалот денеска потврди дека Челси и официјално ја поднел најавената жалба, што според светските медиуми е идеален начин за одложување на казната, нешто што претходно го стори раководството на Барселона.

Каталонскиот гигант доби слична казна во 2014 година, но по поднесената жалба се чекаше уште извесно време за да се одговори на истата. Забраната беше потврдена неколку месеци подоцна, но Барса во меѓувреме можеше да ангажира нови фудбалери во летниот преоден рок, купувајќи ги Луис Суарез, Иван Ракитиќ, Марк-Андре Тер Штеген, Клаудио Браво и Жереми Матие.

Челси оди по истиот пат, во обид да се доведат уште неколку нови фудбалери, но и да се откупат договорите на Игуаин и на Ковачиќ. Со оглед на фактот дека ФИФА не планира да закаже сослушување за жалбата, се чини дека рецептот ќе биде успешен, но прашање е колку „сините“ ќе можат да привлечат врвни засилувања, особено ако се случи втора година по ред да не обезбедат учество во Лигата на шампионите.

Се вчитува...