Челси му исполни желба на Сари, а тренинзите уште ги води Конте

Маурицио Сари не може да биде именуван во нов менаџер на Челси додека не биде раскинат договорот со Антонио Конте, но управата на лондонскиот клуб во меѓувреме почна да му ги исполнува желбите на италијанскиот стратег. Како што јавуваат британските медиуми, Даниеле Ругани ќе биде првото засилување за Сари, откако овој стручњак инсистирал токму членот на Јувентус да му биде доведен како освежување за одбранбената линија, а Роман Абрамович се согласил да плати 40 милиони евра за да го доведе Ругани од Торино во Лондон.

Сари имал беспрекорна соработка со Ругани додека овој играч беше на позајмица во Емполи, па верува дека може од него да направи командант на одбраната на Челси. Парите од трансферот би се покриле од продажбата на Давид Луиз, кој летово сигурно ќе си замине од „Стемфорд бриџ“ откако Сари најавил дека нема да смета сериозно на неговите услуги.

Во меѓувреме, кај играчите кои се појавија од првиот ден на подготовките останува конфузијата околу тренерската функција, откако од самиот старт подготовките ги води Антонио Конте. Шампионскиот стратег се уште е под договор со Челси и си ги исполнува задачите, иако на сите им е јасно дека тој нема да го води тимот во сезоната бидејќи на негово место е договорен Маурицио Сари. Конте не ни помислува да ја намали сумата од девет милиони евра што му следи според договорот за преостанатата сезона, а Абрамович ќе мора час поскоро да реагира, за да го разреши проблемот и да му овозможи на Сари да почне да работи со екипата.

Се вчитува...