Челси остана без Лукаку и Вернер – Тухел: Мора да избориме со тоа…

Челси им се врати на победите во Лигата на Шампионите откако славеше на домашен терен со убедливи 4-0 над Малмо, натпревар кој го одбележаа и повредите на двајцата напаѓачи, Ромелу Лукаку и Тимо Вернер. Лукаку поради повреда мораше да го напушти теренот во 23. минута, а Германецот на минута пред самиот крај на првото полувреме.

Сепак по мечот германскиот стратег Томас Тухел истакна дека повредите не се до толку сериозни и рехабилитацијата нема да трае долго. Лукаку го повредил зглобот, а Вернер истегнал мускул и тимот ќе мора да се избори со тоа.

„Мислам дека ќе бидат надвор од теренот само неколку дена, но не знам колку точно. Тоа е лошо бидејќи тоа се играчи во добра форма. Креираат шанси и постигнуваат голови, а пред нас се многу натпревари. Мора да најдеме решение. Ќе ни треба помошта од оние кои чекаат шанса. Сите се во конкуренција. Тие кои ќе го започнат натпреварот ќе ја имаат нашата доверба. Во секој случај мораме да се избориме со тоа. Ова се работи кои се случуваат во текот на сезоната. Нема изговор“, изјави предводникот на Челси.

Во следниот натпревар Челси на домашен терен го пречекува Норвич во Премиерлигата, а три дена подоцна се среќава со Саутемптон во Купот.

Се вчитува...