Челси пак ќе биде силен – Тухел има 200 милиони фунти за трошење, ова се неговите желби…

Деновите на неизвесност во Челси се минато откако американскиот мултимилијардер Тод Боли ја презеде контролата над клубот, купувајќи го лондонскиот премиерлигаш од Роман Абрамович. Први чекори беа разрешување на досегашните челници на клубот, а Боли изненади со одлуката самиот себе да се постави за спортски директор, кој заедно со Томас Тухел ќе ги избере засилувањата за летниот преоден рок.

Овој преоден рок почна катастрофално, Челси го испрати на позајмица во Интер голгетерот (Ромелу Лукаку) што пред само една година го плати 110 милиони евра. Дефанзивците Ридигер и Кристијансен веќе си заминаа како слободни играчи, на добар пат истото да го стори е и Азпиликуета, а се поизвесно е и заминувањето на левиот бек Алонсо, кој сака да се врати назад во шпанската Ла Лига.

Последните информации сепак се охрабрувачки, откако неколку британски медиуми денеска објавија дека Боли обезбедил буџет од 200 милиони фунти што Томас Тухел ќе го има на располагање за да состави моќен тим.

Приоритет ќе биде засилување на одбраната, која е сериозно ослабена по последните заминувања, а Тухел сака за нов „командант“ на дефанзивната линија да го доведе Матијс де Лихт. Холанѓанецот не е среќен од тоа како се одвиваат преговорите за нов договор со Јувентус и е подготвен да ги смени клупските бои, но Челси ќе мора да плати минимум 70 милиони евра, колку што „старата дама“ бара за екс-капитенот на Ајакс.

Кунде од Севилја останува желба на Тухел, но проблем е што Французинот претпочита трансфер во Барселона, иако каталонците подготвија понуда многу пониска од онаа на лондонските „сини“. За позицијата десен бек се размислува за Џонатан Клаус, 29-годишниот дефанзивец на Ленс, кој би чинел не повеќе од 20 милиони фунти, а би бил прва резерва на Рис Џејмс.

По заминувањето на Лукаку се отвора испразнето место и во нападот, веќе е јасно дека Челси е тргнат во офанзива по Рахим СТерлинг, чиј трансфер од Манчестер Сити би чинел околу 40 милиони фунти. Доколку не успее да стигне до Стерлинг, како план Б е ангажманот на Бразилецот Ришарлисон од Евертон.

Во завршна фаза се и преговорите со Дембеле, кој би можел да пристигне од Барселона како слободен играч, но францускиот репрезентативец бара 30 милиони евра при самиот потпис на договорот со новиот клуб.

Се вчитува...