Челси се предомисли: Сепак, жестока казна за голманот Кепа

Младиот шпански голман Кепа Аризабалага е во центарот на вниманието на фудбалската јавност откако одби да излезе од игра на натпреварот од финалето во англискиот Лига куп меѓу Челси и Манчестер сити.

Маурицио Сари сакаше во финишот на второто продолжение да ги извади од игра Кепа на кого во два наврати му се укажуваше лекарска помош. Но, тотален хаос настана откако Кепа одби да излезе иако четвртиот судија веќе покажа дека во игра влегува Кабалеро.

Тренерот на Челси тотално „полуде“ покрај клупата и во еден момент истрча кон соблекувалните. Кепа, на крајот, остана на голот затоа што судијата има право тоа да му го дозволи доколку не е повреден. Младиот голман одбрани еден пенал, но не му помогна на својот тим да го освои трофејот во Лига купот.

Со тој однос Кепа и тоа како го разниша авторитетот на Сари. Италијанскиот стратег по мечот се обиде да ги спушти страстите истакнувајќи дека тоа било недоразбирање затоа што мислел дека Кепа е повреден. Првично беше соопштено дека Кепа нема да биде казнет, но од лондонскиот клуб се предомислија. Кепа и натаму ќе остане во првиот тим, но доби жестока парична казна во висина од дури 225.000 евра која ќе оди во клупската хуманитарна фондација.

Иако многумина очекуваа дури и суспензија на крајот тоа не се случи, па се очекува да биде на голот веќе на следниот натпревар на „сините“.

Се вчитува...