Червар ги враќа Вори и Алиловиќ, но не и Чупиќ

По враќањето на кормилот на хрватската репрезентација, Лино Червар во составот на „коцкестите“ врати и неколку играчи од старата генерација. За првиот репрезентативен собир на хрватската репрезентација закажан за собирот на 1 мај, Червар објави поширок список од 31 ракометар. Во националниот состав под водство на Червар се враќаат поранешниот капитен Игор Вори и голманот на Веспрем, Мирко Алиловиќ, но меѓу повратниците ги нема крилото на Вардар, Иван Чушиќ и пикерот на Веспрем, Ренато Сулиќ, за кои во хрватските медиуми се шпекулираше дека исто така ќе се вратат во репрезентативниот состав. На списокот на Червар се другите двајца вардарци – Игор Карачиќ и Лука Циндриќ.

Ова е поширок список со кој ги најавивме кандидатурите за следните собири во мај. Списокот не е конечен, бидејќи за другата и за сите наредни акции, списокот ќе се менува според кандидатите и нашите потреби да го провериме најдоброто што го има Хрватска во пресрет на ЕП 2018. Вратите на националниот состав за сите се отворени. Репрезентацијата никогаш не била затворен круг туку можност за најдобрите, за Хрватска да го дадат најдоброто од своите можности. Заедно со мојот стручен штаб ќе имаме доволно време за проверка и за донесување на клучните одлуки за да го дочекаме Европското првенство во најдобро издание“ – изјави Лино Червар за хрватските медиуми.

Репрезентацијата на Хрватска ќе биде на подготовки во Пореч од 1 до 7 мај, периодот во кој другите европски селекции ги играат натпреварите од квалификациите за ЕП 2018. Хрватската репрезентација не настапува во овој квалификациски циклус бидејќи како домаќин има обезбеден директен пласман на ЕП 2018.

Се вчитува...