Новиот тренер на Е.Пелистер, Лино Червар, со големи амбиции ја започнува својата мисија во Битола. Пред првиот тренинг и официјалниот старт на подготовките за сезоната 2026/27, легендарниот хрватски стратег зборуваше за очекувањата од подготвителниот период, целите на тимот и визијата што сака да ја изгради во клубот.
Червар истакна дека за него претставува голема чест што во финишот од својата богата тренерска кариера ќе го предводи македонскиот шампион. Тој нагласи дека Македонија ја чувствува како своја втора татковина и дека добро ја познава традицијата на битолскиот клуб уште од времето кога како тренер работел во Хрватска.
„Чест ми е што сум тука и што го тренирам Пелистер пред крајот на кариерата, и мило ми е што сум во мојата втора татковина. Пелистер знам кој е, клуб со традиција. Уште кога бев во Умаг играв против Пелистер и се сеќавам дека Манасков тогаш ни беше голем проблем. Многу сум амбициозен и ќе дадам сѐ од себе Пелистер да биде конкурентен. Малку посилно ќе работиме, а целта е Пелистер да добие препознатлив идентитет. Секој од нас мора да го даде максимумот. Јас како тренер морам да бидам пример, да се борам заедно со екипата и да направам сѐ што можам клубот да биде успешен“, изјави Червар.
Искусниот стратег откри дека за време на подготовките е предвидено одигрување на три контролни натпревари, меѓу кои и дуел против репрезентацијата на Катар, како и пресметка со словенечка Крка. Според него, секој натпревар ќе биде важен за создавање на препознатлив стил на игра пред почетокот на сезоната.
„Имаме три натпревари, еден од нив е со репрезентацијата на Катар, вториот е против Крка од Словенија, а имаме уште еден контролен натпревар со прволигаш. Мораме да бидеме подготвени, бидејќи уште во првото коло нѐ очекува тежок испит во Охрид. Најважно е играчите да ја разберат идејата што сакам да ја имплементирам и што побрзо да ја прифатат. Имаме многу работа, а времето до почетокот на сезоната не е долго“, додаде тој.
Червар потенцираше дека успехот нема да зависи само од квалитетот на поединците, туку од заедништвото и атмосферата во тимот. Според него, Пелистер може да ги оствари своите амбиции само ако сите во клубот функционираат како едно семејство.
„Секогаш се водам од тоа дека прво мора да ја сакаш работата што ја работиш. Секој тренер би сакал да ги има најдобрите играчи, но кога ги немаш, мора да го сакаш тимот што го имаш. Јас верувам во оваа екипа и убеден сум дека ако сите во клубот функционираме како едно семејство, можеме да направиме успешна сезона“, порача легендарниот хрватски тренер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
