Третото коло од МТЕЛ Суперлигата донесе неколку извонредни индивидуални настапи, а во центарот на вниманието се најде новото засилување на Скопје, Камерон Џонс. Со 32 поени и вкупно 39 индексни поени, Џонс беше најкорисниот кошаркар во оваа рунда, а својот одличен настап го круниса со првата сезонска победа на својот тим.
Место во најдобрата петорка обезбедија и Девион Сукс од Тиквеш, Никола Бојчев и Најџел Бурис од Кожув, како и Никола Кочовиќ од Пелистер, кои исто така оставија силен индивидуален печат во натпреварите од третото коло.
КАМЕРОН ЏОНС (СКОПЈЕ)
Камерон Џонс од Скопје е предводник на најдобрите индивидуални остварувања во третото коло од МТЕЛ Суперлигата. Со 32 поени, осум скока, четири асистенции и дури четири освоени топки, Џонс забележа 39 индексни поени и беше најкорисниот кошаркар во оваа рунда. Неговиот настап имаше и дополнителна тежина, бидејќи Скопје ја забележа првата победа во сезоната, во дуелот со Струмица. Суперлигата.
ДЕВИОН СУКС (ТИКВЕШ ГИ)
Во петорката на колото се најде и Девион Сукс од Тиквеш Голден Игл, кој и покрај поразот на својот тим, одигра одличен натпревар. Реализираше 27 поени, осум скока, четири освоени топки и три асистенции, за вкупно 29 индексни поени.
НИКОЛА БОЈЧЕВ (КОЖУВ)
Одлично издание имаше и Никола Бојчев од Кожув, еден од најзаслужните за важниот гостински триумф над ГКК Штип. Бојчев постигна 31 поен, имаше пет украдени топки и три асистенции, а натпреварот го заврши со индекс на успешност 28.
НИКОЛА КОЧОВИЌ (ПЕЛИСТЕР)
Меѓу најдобрите петмина е и Никола Кочовиќ од Пелистер. Во своето деби пред битолската публика, постигна 30 поени, подели пет асистенции и додаде четири скока. Сепак, неговиот индивидуален учинок не беше доволен за позитивен резултат, бидејќи Пелистер загуби од Работнички. Кочовиќ оствари 27 индексни поени.
НАЈЏЕЛ БУРИС (КОЖУВ)
Петорката ја комплетира Најџел Бурис, соиграчот на Бојчев во Кожув. Во победата на гевгеличани во Штип, Бурис придонесе со 22 поени и осум скока, со одличен шут од линијата за слободни фрлања, од каде што погоди шест од шест обиди. Неговиот учинок беше вреднуван со 25 индексни поени.
ВТОРА ПЕТОРКА
Стефан Симиќ (Кожув)
Секоу Сила (ТФТ)
Ивица Димчевски (ГКК Штип)
Колин Паркер (Скопје)
Камерон Гуден (МКК Куманово)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
