Бранителот на титулата Работнички Скопје со пораз од Газели Волеј ја отвори новата сезона во Првата лига жени. Убедлива победа од 3:0 (25:16, 25 :23, 25:17) запишаа „газелите“ пред својата публика.
Газели Волеј одигра одличен натпревар во кој функционираа сите линии. Екипата делуваше сигурно и во играта во полето и на мрежата, а имаа и постојана контрола над резултатот.
Работнички Скопје кој пред десет дена го крена пехарот во Супер купот не успеја да најде одговор на играта на противникот, а најсилен отпор понуди во вториот сет кога се играше егал до самиот финиш.
Најинтересен, неизвесен и напнат дуел, кој траеше скоро три часа во првиот прволигашки викенд кај жените одиграа Младост УГД и Јанта Волеј КВ. По голема борба Јанта Волеј КВ со 3:2 (18:25, 26:24, 25:23, 19:25, 15:12) го совладаа домаќинот во Штип.
Ривалите одиграа неизвесен и интензивен меч со многу пресврти. Особено изненади вториот сет во кој домаќинот имаше предност од 24:22, но не успеја да реализира ниту една сет топка, па одбојкарките на Јанта со пресврт изедначија на 1:1, а потоа поведоа и со 2:1.
Победникот го реши тај-брејкот во кој се играше егал до 12:12, а потоа со мини-серија гостите стигнаа до победата.
Ланскиот финалист Наковски Волеј имаше сигурен старт со максимална победа над Пелистер Волеј, додека освојувачот на Купот 2026 ЖОК Вардар ЕМ со 3:0 го совлада новиот прволигаш, Фламинго Волеј.
Струмица жени се радуваше во 3:1 во Скопје на гостувањето кај Фит Фан Волеј.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
