Гевгелија победнички ја отвори прволигашката приказна

Првото коло од „Шпаркасе Лајф“ Првата лига-жени донесе интересни натпревари, убедливи победи на фаворитите, но и успешна премиера за новиот прволигаш Гевгелија, кој на домашен терен го совлада Патриот 2016 со 80:55.

ГЕВГЕЛИЈА – ПАТРИОТ 2016 80:55

Гевгеличанки го најавија првиот триумф уште во воведната четвртина, која ја добија со 17:11, а на одморот заминаа со предност од девет поени (33:24). Во продолжението продолжија со сигурна игра, постепено ја зголемуваа разликата и на крајот заслужено стигнаа до убедлива победа на своето деби во прволигашката конкуренција.

Четири кошаркарки на Гевгелија ја завршија средбата со двоцифрен број на поени. Стојковска беше најефикасна со 27 поени, Алексовска запиша 14 поени и 12 скока, Деловска придонесе со 13, а Џангаровска со уште 11 поени.

Кај гостинскиот состав од Делчево, Рашова оствари одличен индивидуален учинок од 22 поени и 22 скока. А. Стојменовска постигна 14 поени, додека И. Стојменовска заврши со 10.

ПРОБАСКЕТ – БАДЕЛ 1862 44:70

Бадел 1862 ја оправда фаворитската улога на гостувањето во Кавадарци и со убедливи 70:44 ја забележа првата победа во новата сезона.

Рамноправно беше само во воведните десет минути, во кои двете екипи заедно постигнаа 15 поени. Клучна се покажа втората четвртина, во која гостинките одиграа извонредно ефикасно, добивајќи ја со 32:11. Така, на полувремето Бадел 1862 веќе имаше убедлива предност од 38:20, која во вториот дел дополнително ја зголеми за сигурен триумф.

Николов беше најефикасна во победничкиот состав со 18 поени, шест скока и четири асистенции. Петрушева запиша 14 поени, осум скока и осум асистенции, додека Клири придонесе со 12 поени, девет скока и три асистенции.

Во редовите на Пробаскет, Ѓорѓиева беше најдобар стрелец со 13 поени.

МЗТ СКОПЈЕ АЕРОДРОМ – БАСКЕТ КАМ 41:58

Баскет Кам стигна до победа и на гостински терен, совладувајќи го МЗТ Скопје Аеродром со 58:41. Кошаркарките од Македонска Каменица ја темелеа победата пред сè на агресивната игра во одбраната, со која го ограничија домашниот состав на само 41 поен.

Во победничката екипа се издвои Митева со 17 поени, девет скока и четири асистенции. Поп-Димитровска додаде 15 поени и пет скока, додека искусната Адамовска беше на чекор до трипл-дабл учинок, завршувајќи со 13 поени, 10 асистенции и девет скока.

Кај МЗТ Скопје Аеродром немаше кошаркарка со двоцифрен број на поени. Рејчел постигна осум, а Сарафилоска, Балабанова и Наунова завршија со по шест поени.

Првото коло така донесе успешен почеток за Гевгелија во прволигашкото друштво, како и сигурни настапи на Бадел 1862 и Баскет Кам, кои најавија дека и оваа сезона ќе имаат сериозни амбиции во домашното првенство.

„ШПАРКАСЕ ЛАЈФ“ ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ

РЕЗУЛТАТИ 1. КОЛО

Вардар – Крива Паланка 82:70

Гевгелија – Патриот 2016 80:55

Пробаскет – Бадел 1862 44:70

МЗТ Скопје Аеродром – Баскет кам 41:58

ИДНО КОЛО (24.10)

Крива Паланка – Бадел 1862

Вардар – Гевгелија

Баскет кам – Пробаскет

Патриот 2016 – МЗТ Скопје Аеродром

Се вчитува...