Червар „полудел“ затоа што го менуваат од клупата на Хрватска на еден месец пред СП!?

Поранешниот тренер на Металург, Лино Червар си замина од клупата на ППД Загреб, но е многу блиску и од смена на селекторската функција во хрватската репрезентација на само еден месец пред Светското првенство во Данска и Германија на кое Хрватска во прелиминарната фаза е во иста група со репрезентацијата на Македонија.

Хрватски „24 часа“ пренесува дека и самиот Червар ја дознал информацијата за неговата можна смена, па онака „полудел“ и по мечот на ППД Загреб со Нексе.

Како што е познато, Лино Червар по натпреварот со Нексе ги загуби нервите и со вербални напади побара од челниците на ППД Загреб сами во јавноста да кажат зошто мора да замине од клубот.

„Според нашите информации, односите во ППД Загреб се нарушени веќе долго време. Но, за Лино главниот проблем е што во ракометните кулоари веќе се шпекулира дека суштинскиот проблем не е клубот, туку репрезентацијата. Од добро информирани извори дознаваме дека лесно може да се случи раководството на Хрватскиот ракометен сојуз наредниов период да го повика Лино на сериозен разговор и да му понуди неколку опции“ – пишува „24 часа“.

А, опциите за Лино Червар се: заминување од клупата на хрватската репрезентација; „инсталирање“ помошник на клупата кој ќе биде човек од доверба на раководството на федерацијата; и останување на Лино на селекторската функција и „статус кво“. Оваа последната, трета, опција е најмалку веројатна.

Но, како што се понагласено се истакнува во хрватската ракометна јавност, нешто сигурно ќе се менува наредниве денови. Иако и на исклучително краток период од Светското првенство кое се одржува од 10. до 27. јануари во Германија и во Данска.

Како најсериозен кандидат за наследник на Лино Червар и во хрватската репрезентација, а потоа во пакет и на клупата на ППД Загреб се споменува неговиот поранешен помошник, сега тренер на Татран Прешов, Славко Голужа.

Се вчитува...