И покрај тоа што поголемиот дел од европската ракометна јавност, на чело со ЕХФ, оддаде признание за македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, за начинот на кој го судеа фуналето на ЕП 2020, селекторот на Хрватска, Лино Червар упорно ја продолжува својата приказна.
И откако „легнаа страстите“, Червар во интервју за „24сата“ тврди дека главни виновници за поразот на Хрватска во финалето се македонските судии.
„Неколку денови по финалето лично ми се јавија поранешни судии, една од најпознатите судиски двојки во историјата на ракометот. За нив нема никакви дилеми. Ми рекоа: ‘Лино, па вие сте украдени во финалето. Читавме како сите ги фалат Николов и Начевски за судењето во финалето и одлучивме да се јавиме. Па вие сте оштетени во десет ситуации против Шпанија. Украдено ви е златото“ – вели Червар и продолжува:
„Затоа, моите играчи се херои. Ние сме морални победници. За жал, не е тоа прво финалето во кое сме биле оштетени. Жал ми за играчите. Имаше многу солзи во соблекувалната“.
Хрватска сега ја чекаат квалификации за ЛОИ во Токио…
„Не се плашам од противниците, но поради се ова што се случува. Страв ми е, по едно вакво судење во финалето на ЕП, судиите повторно да не не оштетат во квалификациите за олимписките игри. Па, поради нив да не го видиме Токио“ – вели Червар.
Поранешниот македонски селектор, притоа, осврнувајќи се на сите свои спортски успеси го нагласува и македонското државјанство, и повторно поврзувајќи го со судењето во финалето во Стокхолм…
„Во Македонија добивав најголеми државни признанија. Македонците ми дадоа и државјанство како благодарност за што направив за нивниот ракомет, но ете сега ме оштетија во финалето“ – вели Лино Червар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА