Чесите ликуваат: Повеќе ја посакувавме победата од Македонците

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

Еуфорична е атмосферата во чешкиот национален тим по вчерашниот триумф над Македонија, со кој оваа селекција направи голем чекор напред за освојување на едно од првите две места во групата.

„Им кажав на ракометарите дека мора да се остави се на терен, да играме како да ни е последно полувреме на европскиот шампионат. Одговорија на вистински начин, Галија бранеше феноменално, а Бабак, Здрахала и Кашпарек беа исклучтелно храбри. Она на што сум најгорд е што повеќе ја посакувавме победата од Македонците, тоа е пристапот што сакам да го гледам на секој натпревар“, изјави селекторот Кубеш.

Десниот бек Станислав Кашпарек одигра извонредно, постигнувајќи шест гола од исто толку обиди. Чешкиот ас откри дека дополнителна инспирација му бил фактот дека против себе на спротивната страна го имал Кире Лазаров.

„Не шутирав по секоја цена, но кога ќе се отвореше простор успевав да погодам. Лазаров е инспирација на многумина, тој е ракометна легенда, 20 години е на самиот врв. Тренерот во Сегед цело време ме советува да го гледам и да учам, да го достигнам неговото ниво“, откри Кашпарек.

Се вчитува...