Четири екс-шампиони ќе полетаат од Мадрид!

Новото издание на Red Bull X Fighters е закажано на 7 јули во Мадрид, каде што најдобрите возачи на мотокрос слободен стил (FMX) ќе се борат за престиж пред 20-илјадната публика во една од најпрепознатливите арени на светот – „Плаза дел Торос де Лас Вентас“. Бранителот на титулата од минатата година, Томас Паже од Франција, мораше да се повлече по неодамнешната операција на рамото, па ќе биде заменет со Германецот Лук Акерман.

Четирикратниот победник Паже едноставно не можеше доволно брзо да заздрави по оперативниот зафат и да подготви нови трикови за најпрестижниот настан во годината, но во Мадрид ќе пристигнат четири поранешни шампиони: Клинтон Мур (Австралија), Џош Шихан (Австралија), Ливај Шервуд (Нов Зеланд) и Дани Торес (Шпанија). Во стартната листа се уште и имињата на поранешните победници на настани како Роб Аделберг (Австралија), Така Хигашино (Јапонија) и Адам Џонс (САД). Шпанецот Маикел Мелеро и новата трик-сензација од Австралија, Хери Бинк, ќе ја комплетираат листата на првите десет учесници, но публиката избра уште двајца дебитанти, во случајов насловени како „новиљероси“: Фред Кирилос (Бразил) и Крис Мејер (Шпанија).

„Ова е големо разочарување за мене. Навистина бев возбуден околу идејата да се вратам во Мадрид и да се борам за петтиот триумф во Лас Вентас, бидејќи таму атмосферата е неверојатна, а нивото на учесниците ќе биде највисоко досега“– изјави Паже.

Red Bull X Fighters_Sebastian MarkoRed Bull Content Pool

Лук Акерман кој ќе настапи на место на Паже е најуспешниот германски возач во историјата откако на настанот во Минхен во 2014 година стигна до полуфиналето. Тој е дел од историјата на спортот како најмлад возач што извел салто наназад, а добрата форма оваа година ја покажа со победата во серијата „Ноќ на скоковите“ што оваа година се одржа во Минхен.

Фигурите што се изведуваат во Мадрид се по правило најспектакуларните во годината, па возачите на мотокрос слободен стил специјално се подготвуваат и тренираат напорно за да се претстават во најдобро светло со своите креации во воздухот, пред добро упатената и мошне ентузијастичка публика во Шпанија.

Се вчитува...