Четири раскини во еден ден – Пеп го почнува „ремонтот“ во Манчестер сити

Оваа сезона беше прва во тренерската кариера на Пеп Гвардиола во која трофејниот стратег не освои ниту една единствена титула. Раководството на Манчестер сити му даде одврзани раце и богат буџет за нови фудбалери, а Гвардиола веќе ја почна „чистката“ пред да стартува со ангажман на засилувањата за следната сезона.

Така, во текот на вчерашниот ден беше обелоденета разделбата со дури четири првотимци, и тоа Бакари Сања, Гаел Клиши, Вили Кабалјеро и Хесус Навас. Станува збор за играчи на кои им истекува договорот на крајот од следниот месец, а од страна на управата на клубот беше соопштено дека со нив соработката нема да биде продолжена.

На местото на Кабалјеро каталонскиот стратег го планира Виктор Валдес за резервен голман, иако се најавува и атак на врвен чувар на мрежата како замена за Браво, кој воопшто не ги оправда очекувањата. Заминувањата на Сања и Клиши, како и она од претходно објавено на Забалета, е јасен знак дека целосно ќе биде реновирана бековската позиција, на која Гвардиола сака да го види тандемот на Тотенхем, Кајл Вокер – Дени Роуз.

Во следните денови се очекува да се види расплетот околу останатите играчи чии договори со Сити истекуваат пред крајот на сезонава, пред се Јаја Туре, асот што Гвардиола сака да го задржи, но само доколку прифати значително намалување на платата.

Се вчитува...