Четирикратниот победник на „Тур д’Франс“ позитивен на допинг

Британскиот велосипедист Крис Фрум (32), член на тимот Скај, бил позитивен на допинг тестот по настапот на „Вуелта“ во септември годинава. Резултатите од тестот открија дека Фрум имал зголемени параметри на салбутамол, лек против астма. Правилата на Меѓународната анти-допинг агенција, дозволуваат 1.000 нанограми салбутамол на милилитар, а најуспешниот британски велосипедист во примерокот од урината, имал двојно повеќе.

На Фрум му се заканува суспензија која би можела да го оддалечи од настапот на трката „Џиро д’Италија“ следната година како и на „Тур д’Франс“.

Во слична ситуација во 2007 година беше Италијанецот Алесандро Петачи кој поради покачено ниво на салбутамол доби 12-месечна суспензија и одземени му беа пет етапни победи на „Џиро д’Италија“.

Мојата состојба со астмата се влошува, ги следев лекарските совети и ја зголемив дозата на салбутамол. Како и секогаш внимавав да не употребувам прекумерна доза. На истражителите ќе им ги дадам сите потребни информаци“ – објасни Фрум.

Британскиот возач е актуелен победник на „Вуелта“ и е еден од најуспешните возачи во историјата на трката „Тур д’Франс“ на која беше севкупен победник во 2013, 2015, 2016 и 2017 година.

Се вчитува...