Четворица нови Бразилци на списокот на Васоски за пролетната полусезона

Четворица нови бразилски фудбалери треба да го засилат Вардар за пролетниот дел од шампионатот. Според нашите информации двајца нови дефанзивци, еден фудбалер од средниот ред и еден крилен офанзивец треба да бидат освежување за составот на Александар Васоски за продолжението од првенството.

И четворицата треба да се јават на стартот на подготовките на тимот по денешниот почетен собир. Васоски денеска во тренинг кампот во Хиподром ја имаше првата прозивка на која се појавија добар дел фудбалери и од младинскиот тим. Според најавите во тимот и натаму остануваат Филип Гачевски, Евгениј Новак, Бразилецот Лира, Владица Брдаровски како и Битанг…, а како што е познато повеќе нема да се смета на офанзивецот Тигран Барсегјан, но и на уште четворица странци Виктор Нилдо Јуфо, Александар Кировски, Николас Херанц и Максим Максимов.

Украинецот Новак и Битанг дополнително треба да се приклучат на подготовките во текот на наредниве денови, а во Вардар од позајмица се враќа и младиот офанзивец Бојан Колевски. Во тимот е и бразилското засилување од Македонија ЃП, Жуниор.

По еднонеделните подготовки во Скопје, експедицијата на Вардар на 16. јануари заминува на подготовки во Аланија, Турција, каде ќе остане до 4. февруари за кога е предвидено враќањето на тимот во Скопје. Во Аланија ќе бидат одиграни и пет пријателски натпревари.

„Црвено-црните“ го завршија првиот дел од сезоната на втората позиција со 35 бодови, и со скор од 10 победи, пет нерешени средби и три порази.

Се вчитува...