Ќириќ го препорачува Миовски во Бундеслигата: И мојот Нирнберг треба добро да размисли за негов ангажман!

Една од најголемите македонски фудбалски легенди, Саша Ќириќ во разговор за германски „Билд“ вели дека негов македонски наследник во Бундеслигата во иднина со сигурност би можел да биде новопечениот репрезентативец и член на унгарски МТК, Бојан Миовски.

Прославениот голгетер на Нирнберг и Ајнтрахт Франкфурт, 53-годишниот Ќириќ не штеди пофални зборови за 22-годишниот Миовски…

„Иако Бојан е висок само 1,89 метри има одлична техника со оглед на тоа што на млади години играше футсал. Има буквално се што му треба на еден модерен центарфор“ – вели Ќириќ, притоа дополнувајќи:

„Се разбира, талентирани играчи како него веднаш сакаат во најдобрите клубови во Бундеслигата. Но, јас и низ разговори со него препорачувам најпрво да се впушти во Втората Бундеслига која би била вистински чекор, секако во клуб со сериозни амбиции“.

Според Ќириќ, Нирнберг, кој во моментов е член на Втората Бундеслига, сигурно треба добро да размисли за ангажман на Миовски, чиј договор со МТК е до 2023 година.

„Бојан има огромен потенцијал. Нирнберг во нападот го има Шефлер кој со 32 години сериозно навлегува кон критични години, па неопходен ќе им биде напаѓач“ – вели Ќириќ во разговорот за „Билд“.

Се вчитува...