Човек за чуда во ЛШ – Оле Гунар Солскјер

Името на Оле Гунар Солскер засекогаш останува запишано во историјата на Манчестер Јунајтед по оној легендарен гол во финалето од Лигата на шампионите против Баерн Минхен. Сега Норвежанецот си обезбеди место во историјата и како менаџер на „црвените ѓаволи“, како прв стратег воопшто во ЛШ што успеал да го предводи својот тим до следната рунда откако првиот натпревар на домашен терен го загубил со два гола разлика.

И тоа против моќниот ПСЖ, тимот што важеше за еден од главните кандидати за европската круна. Солскјер лично го повика Сер Алекс Фергусон да биде гостин на клубот на ова гостување, а најтрофејниот стратег ја пренесе својата победничка аура, па „ѓаволите“ заиграа најдобро кога никој тоа не го очекуваше од нив, дадоа три гола во Париз и се пласираа во четвртфиналето.

И да не се заборави, Оле Гунар Солскјер за овој натпревар не можеше да смета на дури десет првотимци. Згора на тоа на самиот почеток му се повреди и Баи, а кога мораше да менува пред самиот крај тој ги внесе во игра младите Чонг (19 години) и Гринвуд (17). Точно е, Јунајтед не направи три шанси, но сепак постигна три погодоци за чудесен камбек во „Градот на светлината“.

Сепак, среќата треба и да се заслужи со храброст и карактер, две одлики што на Оле Гунар Солскјер никогаш не му недостигале, ниту како фудбалер ниту сега како тренер.

Се вчитува...