Човиќ: Не знам зошто се крие во чија сала почина Оџо

Првиот човек на Црвена Звезда, Небојша Човиќ, се осврна на трагичната смрт на Мајкл Оџо, откако поранешниот центар на Црвена Звезда почина минатата седмица за време на индивидуален тренинг во Белград. Воедно, Човиќ обелодени дека коронавирусот оставил силна трага врз здравјето на Оџо, кој никако не смеел да има посериозни тренинзи.

„Да се разбереме, Оџо си замина од Црвена Звезда на 30 јуни, а додека беше член на нашиот клуб имаше комплетен медицински сервис на располагање. Според оние информации што ние ги имаме, тој последниот прегледи го имал на 5 август, откако се излечил од коронавирусо. Сепак, за оваа болест не е доволно само да сте негативни на вирусот бидејќи има и бројни споредни работи преку кои го нарушува здравјето. Морало да се води грижа за играч кој бил во болница, каде имал сериозно воспаление на белите дробови. Практично, тој морал да престане кога и да почувствува најмал замор, значи можел само да шета и не знам кој му дал дозвола да почне со тренинзи“, вели Човиќ.

Претседателот на „црвено-белите“ е изненаден што голем дел од јавноста се обидува да го скрие фактот дека смртта настапила при инвидиуален тренинг во салата на Партизан, притоа и додавајќи дека „црно-белите“ се обидувале да го „врбуваат“ Оџо уште од самиот прекин на сезоната.

„Зошто многумина молчат во која сала се случи смртта? Читам како некои анонимни лица даваат изјави, зошто воопшто да се криеш и да бидеш анонимен. Јас знам дека Оџо беше „врбуван“ уште од месец март, како дел од тоа „врбување“ е извршен притисок за да се случи ова што за жал се случи. Не сакам да кажам дека некој намерно ја направил оваа трагедија, бидејќи е несреќен случај, но не ми се допаѓа што сите тие кои барале Оџо да тренира сега никаде ги нема“, истакнува Небојша Човиќ.

Се вчитува...