Чудесен пресврт: Монако од „минус 22“ до „плус 17“ против ЦСКА Москва

Кошаркарите на Монако со феноменален пресврт стигнаа до победа над фаворитот ЦСКА Москва, декласирајќи го рускиот гигант со преубедливи 97-80. Успехот е уште поголем ако се знае дека ЦСКА на почетокот од втората четвртина имаше преубедливи 21 поен предност (15-36), за Монако не само да успее да се врати, туку на крајот да триумфира со фантастични 17 поени позитива.

Донта Хол беше клучен играч во победнчкиот тим со 17 поени и 10 скокови, Анѓушиќ реализираше 16 поени, додека Мајк Џејмс придонесе со 10 поени во триумфот над својот поранешен клуб. Вил Клајбурн со 19 поени беше прв стрелец на ЦСКА Москва при денешниот пораз.

Неуспех на гостински терен доживеа и Реал Мадрид, кој загуби со 65-58 на гостувањето против Уникс Казан. Пресудна беше последната четвртина во која „кралевите“ за десет минути постигнаа само седум поени, по што Уникс стигна до фантастичен триумф. Хезоња и Воронцевич ги предводеа стрелците кај победничкиот тим со по 13 поени, додека најефикасен кај Реал Мадрид беше Валтер Тавареш со 15 поени.

Анадолу Ефес конечно заигра какошто му доликува на актуелниот шампион на Европа, декласирајќи го Жалгирис со 94-60. Мициќ се врати по повредата реализирајќи 11 поени, а најефикасен во таборот на Ефес беше центарот Плајс со 17 постигнати поени.

Се вчитува...