Чудна ситуација: Столе Димитриевски „заглавен“ во изолација во Талин, а според УЕФА смее да игра

Голманот Столе Димитриевски е во изолација во хотелот во Талин со „претпоставен позитивен резултат“ од тестирањето при влезот во Естонија. Тој не е конкретно „позитивен“ и според УЕФА има право за настап. Македонската репрезентација целата документација ја испрати до канцеларијата на Европската куќа на фудбалот и доби повратен одговор дека може да настапи. Сепак, има проблем со локалните власти во Естонија.

Според естонските закони, Столе Димитриевски не смее да ја напушти изолацијата и да се појави на натпреварот на „Ле Кок арена“, освен ако не излезе дека е негативен на второто тестирање кое е веќе направено, а се очекуваат резултатите.

Ова значи дека УЕФА дозволува Столе Димитриевски, кој секако има антитела на коронавирусот, затоа што го прележа претходно во Мадрид, да настапи на мечот, меѓутоа Естонците не дозволуваат тој да излезе од хотелската соба.

Со оглед на ова, Дамјан Шишковски ќе биде на голот на Македонија на мечот против Естонија кој е закажан за 18 часот.

Се вчитува...