Чудо во Германија: Хофенхајм го потопи Баерн Минхен

Хофенхајм приреди огромно изненадување во второто бундеслигашко коло, земајќи го скалпот на големиот Баерн Минхен со апсолутно заслужен триумф од убедливи 4-1. Баварскиот гигант влезе во овој меч со серија од 23 победи во сите натпреварувања, но експериментот на Ханси Флик со оставање на Левандовски на клупата за резерви овојпат се покажа како погрешен потег.

Босанскиот репрезентативец Бичакчиќ го отвори резултатот со прецизен удар со глава, а на 2-0 зголеми Дабур, по големата грешка на Давид Алаба. При овој резултат Хофенхајм пропушти две стопроцентни шанси, а казната стигна кога Кимих со прекрасен удар од работ на шеснаесетникот ја преполови негативата на шампионот. Хофенхајм во 45. минута промаши уште еден зицер, кога Нојер со помош на гредата спречи и трет погодок на домашниот тим.

Левандовски влезе во игра во второто полувреме, но Хофенхајм продолжи да им создава огромни проблеми на дефанзивците на Баерн. Нојер спаси уште една стопроцентна шанса на домашниот тим, но одличниот голман беше немоќен при обидот на Крамариќ, кој ги разреши сите дилеми околу победникот на овој натпревар. Баерн промаши две убави шанси да се врати во мечот, по што шокот беше комплетиран со голот од пенал што го постигна Крамариќ во судиското продолжение.

 

Се вчитува...