Чудо во Келн: Алборг е во финалето, ПСЖ повторно без европска круна

Бајката на Алборг во ракометната Лига на Шампиони се продолжи со денешниот неверојатен триумф над фаворитот ПСЖ од 35-33, резултат со кој данскиот првак повторно го остави Раул Гонзалес без остварување на целта за која беше донесен – носење на европската круна во Париз. Катастрофалното издание на двајцата голмани, кои беа без интервенција во завршницата, беше главна причина за овој неуспех на ПСЖ, но мора да се истакне неверојатниот карактер на данскиот првак, кој се врати од „минус пет“ во второто полувреме и стигна до голема победа.

Почетните десетина минути минаа во фанатична игра во одбраната на ПСЖ, која не му дозволи на противникот да постигне ниту еден гол во стартните девет минути од полуфиналето. „Светците“ во овој период поведоа со 3-0, по што данскиот тренер се реши за тактика „седум на шест“, со која предводен од Мелгард експресно ја врати сигурноста во нападот. Подолго време во полувремето се играше „гол за гол“, ПСЖ за момент имаше „плус четири“, но Алборг се врати и ја преполови негативата до крајот на полуремето (15-13).

Почетокот на вториот дел повторно мина во знакот на францускиот првак, кој набрзина поведе со 19-14, но Данците одговорија со сопствена мини-серија, приближувајќи се на 24-23 на дванаесет минути до крајот. Алборг играше фуриозно во нападот крај немоќниот Жерар, правејќи целосен пресврт и поведувајќи со 25-26, принудувајќи го Раул Гонзалес на тајмаут на десетина минути пред крајот на ова суперинтересно полуфинале. Притисокот стана преголем за дрим-тимот на ПСЖ, одбраната воопшто не функционираше, па во 56. минута Алборг поведе со 31-29. Данците ги реализираа сите свои напади во последните седум минути, серија со која го издржаа завршниот притисок на големиот фаворит и триумфираа со конечни 35-33.

Се вчитува...