Чудото е комплетно: Хрватска е во полуфиналето од ЕП

Хрватска го комплетираше чудото на ЕП 2020 за ракометарки откако „коцкестите“ славеа на денешниот клучен дуел со Германија со 23-20 и обезбедија пласман во полуфиналето од овој шампионат. Амбициите на подмладената хрватска селекција пред првенството беше да се забележи барем една победа, но оваа репрезентација ги изненади сите со низа извонредни партии, по што заслужено се најде меѓу четирите најдобри селекции на „Стариот континент“.

Денешниот дуел со Германките беше израмнет во првото полувреме (12-12), за Хрватска да почне да доминира на почетокот од вториот дел, во кој „коцкестите“ стигнаа и до предност од шест гола. Германија успеа да ја преполови негативата, но не и да се врати, по што Хрватките заслужено се пласираа во полуфиналето. Дебелиќ со шест гола од шест обиди беше најефикасна во хрватскиот состав, каде повторно одлична беше и голманката Теа Пијевиќ со 16 успешни интервенции.

Норвешка како првопласирана од оваа група од претходно обезбеди полуфинале, Хрватска е втора, додека во втората група Франција го осигура пласманот во во Топ 4 селекциите по денешниот триумф над Шведска (31-25). Последниот полуфиналист ќе биде познат по вечерашниот дуел меѓу Русија и Данска.

Се вчитува...