Чудотворецот Парондо – стана европски првак со Вардар, сега испишува историја со Египет

Роберто Гарсија Парондо е стратегот што во последните години го привлекува врз себе вниманието по извонредните резултати што ги бележи, најпрвин на клупско, а сега и на репрезентативно ниво.

Скромниот Шпанец беше предводник на Вардар до втората европска титула, кога успеа да го извлече максимумот во периодот кога играчите со месеци не земаа плата, но сепак успеаја да се искачат на врвот на ракометна Европа. Долго ќе се памети оној феноменален пресврт во полуфиналето против Барселона, а потоа и тактичката маестралност во финалето против Веспрем, кога рутински го надмудри сонародникот Давид Дејвис.

Сега истото се случува и со селекецијата на Египет, откако под водство на Парондо „фараоните“ испишаа историја како прва африканска ракометна репрезентација што стигнала до олимписко полуфинале. Успехот е апсолутно заслужен, „машинеријата“ на шпанскиот стратег делуваше импресивно и на СП во Египет, а сега функционира уште подобро. Тоа на своја кожа го почувствува и Германија, која денеска беше целосно разбиена, а Парондо доби уште една битка со голем стратег – Исланѓанецот Алфред Гисласон.

Следна на ред е Франција која ќе ја има фаворитската улога, но Парондо веќе покажа дека повеќе му одговара кога важи за аутсајдер, за да ги зема „скалповите“ на „големите“.

Се вчитува...