Чупиќ бесен: Клубовите треба да не играат, доаѓаат уште потешки времиња

Хрватскиот интернационалец во таборот на Вардар, Иван Чупиќ, не го крие револтот по одлуката на ЕХФ да ги откаже осминафиналните и четвртфиналните дуели од Лигата на шампионите и да ги именува Барселона, ПСЖ, Веспрем и Кил во патници на фајналфор турнирот во Келн. Десното крило на „црвено-црните“ смета дека одлуката е нерегуларна, но и предупредува дека пред ракометот доаѓаат уште потешки времиња.

„Она што е направено дефинитивно не е регуларно. Никој не се грижи за клубовите, а мислам дека токму клубовите треба да бидат единствени во ситуацијава и да објават дека не сакаат да играат. Ситуацијата е јасна, богатите нека играат, а малите нека им служат за промоција на ракометот. Според мене поважно беше на некој начин да се помогне на федерациите и на клубовите, бидејќи прашање е колку клубови воопшто ќе го преживеат овој кризен период. Се плашам дека доаѓаат уште потешки времиња, а во моментов сепак најважно од се е да се остане здрав“, изјави Чупиќ.

Хрватот има добиено неколку понуди, но се уште се нема изјаснето дали ќе остане во Вардар или ќе го напушти клубот со кој освои две титули европски првак, од вкупно трите освоени во кариерата.

Се вчитува...