Чупиќ: Киелце ни покажа како треба ние да играме во иднина

Иван Чупиќ даде се од себе на дуелот со својот поранешен клуб, настапи и како крило и како десен бек, но на крајот не успеа да се радува на триумф над Киелце.

„Не знам што паметно би кажал по еден ваков натпревар. Знаевме се што треба за Киелце, дека е тим што многу трча и што ги казнува безмилосно противниците, бевме подготвени за тоа, но ни се случи тоа што не требаше да се случи. Во вториот дел се вративме, имавме гол предност, но по нашите две-три глупости му дозволивме на противникот да направи пресврт. Потоа беше доцна, тешко е кога мора против ривал како Киелце да бркате три гола негатива во завршните десетина минути. Денеска победи подобрата екипа, а Киелце ни даде пример како треба ние да играме во иднина“, истакна Чупиќ по натпреварот.

Хрватот го заврши натпреварот со пет погодоци и само едно промашување.

Се вчитува...