Чупиќ: Сакаме разделбата да ни биде шампионска

Иван Чупиќ е ракометарот што беше херој во ланското финале, постигнувајќи го победничкиот гол во последните секунди против ПСЖ. Една година претходно тој стана европски првак и со Кјелце, па хрватскиот крилен играч има шанса за ретко достигнување – три години по ред да се искачи на врвот на ракометна Европа.

„Свесен сум за таа можност, моето име да биде запишано во историјата како играч кој три пати по ред ја освојувал Лигата на шампионите. Сепак, приоритет ми е тимот, така било отсекогаш, би бил многу посреќен што Вардар би станал прв тим што ја одбранил титулата во Келн, отколку за моето лично достигнување. Со тоа би покажале дека Вардар е голем тим и дека достигнувањата на оваа генерација нема да можат да бидат повторени во блиска иднина“ – истакнува Чупиќ.

Хрватот е свесен дека задачата не е нималку лесна, со оглед на фактот дека во полуфиналето „црвено-црните“ ќе се сретнат со Монпелје, тим што игра одличен ракомет цела сезона.

„Кога станува збор за францускиот ракомет сите говорат за ПСЖ, но Монпелје е подеднакво опасен. Целосно сме фокусирани на наредниот ривал, кој игра заедно две три години и кој има поставено цврсти темели во играта. Тие играат одличен ракомет, неслучајно елиминираа силни ривали како Барселона и Фленсбург, играат агресивно во одбраната, а во нападот се брзи и непредвидливи. Знаеме дека ќе ни биде многу тешко“ – реален е крилниот ракометар на Вардар.

Добо познато е дека половина тим на „вардарци“ на чело со тренерот Раул Гонзалес летово ќе ги промени клупските бои, но Чупиќ открива дека тоа ќе биде дополнителен мотив македонскиот првак да испише историја во Келн.

„Овие играчи се дел од Вардар неколку години наназад, заедно со Раул Гозалес, и функционираме одлично и на еренот и надвор од него. Оваа генерација на клубот освои се што можеше да се освои, но сега сакаме уште еден успех за крај. Целта ни е јасна – уште еднаш да го кренеме пехарот на ЛШ и потоа разделбата да ни биде шампионска“ – оптимист е пред претстојниот фајналфор турнир Иван Чупиќ.

Се вчитува...