Чупиќ: Вардар е со помалку пари, но се уште има врвни играчи

Иван Чупиќ беше првиот од неколкуте „ѕвезди“ од шампионската екипа на Вардар кој одби неколку богати понуди ширум Европа за и следната сезона да го носи црвено-црниот дрес. Хрватското крило е единствениот ракометар што две години по ред станал првак на ЛШ (со Киелце и со Вардар), а во интервју за „handballfast” откри дека воопшто немал дилема околу својата иднина и покрај заминувањето на Сергеј Самсоненко од клубот.

„И покрај сите проблеми, дури и пред пандемијата моја желба беше да останам во Вардар. Потоа дојде паузата, па промените во раководството… почнав да добивам понуди од странство, но челниците ме замолија да не потпишувам со никого до 15 мај. Потоа седнавме на маса и се договоривме буквално за еден ден. Моето семејство се чувствува добро во Скопје, така што одлуката беше многу лесна – да останам во Вардар“, истакна Чупиќ.

Без оглед на заминувањата на дел од ракометарите, Хрватот е оптимист дека Вардар ќе може да им парира на најголемите европски клубови.

„Промените во клубот се случија доцна, во мај-јуни, така што немаше многу време за склопување на тимот. Јасно е дека буџетот е помал, ќе има помалку пари, но Вардар се уште има врвни играчи. Ќе се бориме со секого, само се надевам дека коронавирусот нема да ни ги замрси сметките и дека ќе можеме да играме пред полна сала бидејќи поддршката од навивачите многу ни значи“, вели Иван Чупиќ за „handballfast”.

Се вчитува...