Чупиќ „збесна“: ЕХФ има двоен аршин, со одлуките само одмага на ракометот…!

Вардаровиот ракометар Иван Чупиќ, не издржа без прозивка до Европската ракометна федерација откако беа одложени два натпревари на „црвено-црните“ во Лигата на шампионите поради проблемите со епидемијата од коронавирус.

Вардар не го одигра мечот со Елверум во Скопје, а ПИК Сегед не сакаше да ги пречека „вардарци“ поради позитивни случаи во тимот. Но, ПИК Сегед сега, под исти околности мора да гостува на Кјелце. За Чупиќ сето тоа е крајно бесмислено…

„Ова нема никаква смисла, работиме, тренираме и зависиме од ситуацијата. Подобро е тогаш воопшто да не се игра, зашто ова нема врска со регуларно натпреварување, баш како што нема врска со регуларност фајнл-форот да се игра на крајот на годинава, со учесници кои декларативно се избрани, а клубовите да играат во состави со кои воопшто не играа лани. Жално е што сите молчат на ова, од клубови до играчи и не е во ред. Сето ова ќе ни се одбие од глава, а ЕХФ… Од нив клубовите не добија ништо за време на корона-кризата, а сега со овој однос прават да им биде уште потешко“ – вели Чупиќ за кого е нејасно како бројни европски екипи од фудбалот може да допатуваат во Скопје, а ЕХФ прифаќа недоаѓање на Елверум.

„Кога бевме во карантин во ред, сите сме во карантин, ама кога ќе се реши да се игра – треба да се игра. Ако имаме по 20 здрави луѓе на двете страни, негативни тестови на судии, зошто не би се играло, ако е празна сала? Од кого би се заразиле? Но, Елверум не дојде, ПИК Сегед може да игра со Кјелце, а не може со нас. Будуќност може без 11 ракометарки во Копривница, а други не можат. И каква врска има сега ова со регуларност, кои се тие правила во кој еден клуб ја жртвува сезоната, а друг не се ни труди да ја почитува. Зошто има различни критериуми? Не е во ред да го споредуваме ракометот со фудбалот, ама мора да се има јасни правила. Како тоа Елверум не може да дојде во Скопје, а може да дојдат Хајдук и Тотенхем?! Норвешка ја имала Македонија на црвена листа? Па каква врска има тоа со нас, ако имаме 20 негативни играчи и ако постојано се тестираме. На крај, зошто воопшто се тестираме и трошиме пари? Нема ова никаква смисла и мора нешто да се преземе. Или нека се прекине или условите да бидат исти за сите. И да знаете ќе се случи во последните кола некој да бара одложување за корона, а тогаш ќе речат – не може! Натпреварувањето мора да се доигра. Ако се игра, да се игра, ако не… УЕФА на сите им покажа како треба да се организира се“ – вели хрватскиот ракометар од Вардар.

Се вчитува...