Чупиќ: Живееме од ден за ден, би било штета сето ова да згасне…

Иван Чупиќ е еден од најискусните во таборот на Вардар, но не крие дека тешко му паѓа големата криза во таборот на „црвено-црните“. Хрватот пристигна во Вардар како актуелен европски првак со Киелце и веднаш стави силен печат, постигнувајќи го голот за победа и за прва европска круна. Тој се наметна како еден од лидерите во тимот, а во интервју за „Спортске Новости“ отворено проговори за кризата во редовите на македонскиот шампион.

“Имаме уште две средби во ЛШ, па потоа осминафинале. Исто така, имаме четвртфинале во СЕХА против Нексе, па потоа се надевам и фајналфор. Работа имаме многу, но реално сме осум до десет играчи, па се „крпиме“ како можеме. Рекоа дека ќе дојдат уште двајца, но искрено не знам како некој би дошол во ваква ситуација. Одиме ден за ден, па ќе видиме до каде ќе стигнеме. Едно е сигурно, би било штета сето ова да згасне. Тешко се функционира кога се игра без плата, но мене тоа ми се случувало и порано. Семејството ми е ОК, тоа е најважно“, истакнува Чупиќ.

Тој се осврна и на убедливата победа над Мотор, со која беше осигуран пласманот во осминафиналето, уште еден натпревар на кој Чупиќ доби задача да настапи како десен бек, невообичаена улога за него.

„Не ми беше првпат, тука сум да направам се што треба. Ни се враќа Бразилецот Толедо, кого го немавме во тимот осум месеци. Криштопанс си замина, па моравме да помогнеме бидејќи Толедо моментно не е во топ-форма. Тој ни помогна десет минути, колку што можеше, а остатокот го покривме малку јас, малку Шишкарев“, вели Иван Чупиќ.

 

Се вчитува...