Чурлинов ја доби битката со Муслиу, Инголштад тоне кон третата лига

Дарко Чурлинов со својот Шалке славеше со убедливи 0-3 на гостувањето против Висар Муслиу и Инголштад, во македонската пресметка во втората Бундес-лигата. Двајцата македонски репрезентативци беа стартери во своите екипи, а на крајот се радуваше брзоногиот напаѓач, кој денеска не се запиша меѓу стрелците.

Шалке имаше само една победа во последните четири кола што придонесе да дојде до тренерска смена, но Чурлинов и соиграчите попладнево беа на висина на задачата. Отпорот на Инголштад беше скршен во второто полувреме, кога резервистот Залазар одлично се снајде и го донесе Шалке во водство. Залазар асистираше до Тиав за вториот гол на Шалке, додека конечните 0-3 ги постави Дракслер.

Шалке моментно е петтопласиран со 44 бода, четири помалку од Дармштад, Сент Паули и Вердер, кои се наоѓаат на делба на првото до третото место. Муслиу и Инголштад по денешниот неуспех се уште поблиску до испаѓање во третата лига, ако се знае дека овој тим досега има собрано само 15 бода, дури 15 помалку во однос на Сандхаузен, кој е прв над зоната за испаѓање.

Се вчитува...