Чурлинов ќе мора да си замине од Шалке

Дарко Чурлинов инсистираше од неколкуте понуди зимава Барнли да ја прифати само онаа на Шалке, за македонскиот ас да може повторно да го облече дресот на својот омилен тим и да му помогне на клубот од Гелзенкирхен во битката за опстанок во Втората германска лига.

Сепак, престојот нема да биде премногу долг поради финансиските проблеми на Шалке, од кои клубот нема никакви шанси да го откупи договорот на Чурлинов со Барнли. Германските медиуми најавуваат дека во договорот за позајмица има клаузула за откуп во висина меѓу два и три милиони евра (во зависност од игрите на Чурлинов во овој период). Сепак, „сино-белите“ од Гелзенкирхен се наоѓаат во катастрофална финансиска состојба и нема да имаат повеќе од два милиони евра буџет за засилувања во текот на целиот преоден рок, така што е јасно дека нема сите пари да ги потрошат само на еден фудбалер.

Во Шалке се свесни дека е дојдено време на огромна криза, па целта е да бидат задржани пет фудбалери (Милер, Калас, Муркин, Шаленберг и Караман) и околу нив да бидат доведени и млади и перспективни фудбалери. Оние поискусните предводени од капитенот Симон Тероде ќе бидат продадени или ослободени од договорите со цел да биде намален буџетот на плати.

Останува да се види каде ќе заврши Чурлинов, Барнли е на добар пат да испадне од Премиер-лигата, па ако си заминат дел од скапите фудбалери македонскиот репрезентативец би можел да добие шанса од тренерот Компани во Чемпионшип-дивизијата. Како опција останува и ново враќање во Германија, каде зимава интерес за нашиот интернационалец покажаа Фортуна Дизелдорф и Сент Паули. Едно е сигурно, престојот на Чурлинов во Шалке 04 по завршувањето на оваа сезона е „невозможна мисија“.

Се вчитува...