Чурлинов по фештата во Гелзенкирхен: Вакво нешто не се доживува често во животот

Дарко Чурлинов и соиграчите од Шалке до раните утрински часови го прославуваа големиот успех откако тимот од Гелзенкирхен на едно коло до крајот го осигура камбекот во елитното германско фудбалско друштво.

Дуелот со Сент Паули беше супердраматичен, гостите на полувреме имаа предност од 0-2, но Шалке се врати и со голем пресврт во вториот дел  стигна до победа од 3-2, по која почна фештата на стадионот во Гелзенкирхен.

„Вакво нешто не се доживува премногу често во животот. Дојдов во Шалке со една цел – да помогнам да се влезе во првата лига и го остваривме тоа. Ова е голем успех на целата екипа, дури и кога губевме со 0-2 не паничевме, знаевме дека можеме да се вратиме и да победиме. Кога го постигнавме тој толку посакуван трет гол, радоста немаше граници. Огромна благодарност до навивачите за поддршката и за оваа фантастична атмосфера“, изјави Чурлинов.

Македонскиот репрезентативец го носеше дресот на Шалке како позајмен играч од Штутгарт, тој летово треба да се врати во таборот на Штутгарт, но челниците на Шалке не ја кријат желбата целосно да го откупат договорот на Чурлинов за да го задржат во Гелзенкирхен.

Се вчитува...