Чурлинов вреди 3 милиони евра, на потег е Шалке

Дарко Чурлинов сака да остане во Шалке и да настапув за овој тим и во првата Бундес-лига, но клубот од Гелзенкирхен ќе има проблем да постигне договор со Штутгарт за целосно откупување на договорот на македонскиот репрезентативец.

Челниците на Шалке не кријат дека сакаат да го задржат Чурлинов, но проблем претставува сумата што Штутгарт ја одреди за Македонецот – во висина од три милиони евра. Весникот „Кикер“ обелодени дека „швабите“ ќе дадат зелено светло за трансфер на Чурлинов само доколку некој клуб им плати три милиони евра, со тоа што Шалке ќе ја има првата опција за преговори за нашиот интернационалец.

Според германските медиуми, крајно неизвесно е дали Шалке ќе издвои три милиони за Чурлинов, со оглед на лимитираниот буџет што го имаат „сино-белите“. Клубот од Гелзенкирхен плати 1,5 милиони евра за да го откупи Залазар од Ајнтрахт, преговара и за откуп на Итакура и Ли, уште двајца играчи кои како и Чурлинов ланската сезона ја минаа на позајмица, но кои се поприоритетни за управата на Шалке.

Како опција се споменува нова едногодишна позајмица, но останува да се види дали Штутгарт би се согласил на ваква варијанта.

Чурлинов постигна два гола и имаше седум асистенции во дресот на Шалке минатата сезона, помагајќи овој тим експресно да се врати во елитното германско фудбалско друштво.

Се вчитува...